Sunday, February 5, 2012

Фалсификувани производи на интернет (M.A.C четки за шминка)



Инспирирана од сè поголемата популарност на купувањето преку интернет кај нас, решив да направам еден обид за споредба меѓу оригиналните и фалсификуваните производи, со што би се олеснило нивното препознавање.

Во овој пост ќе се задржам на M.A.C производите, затоа што ги нема кај нас, а сите сакаме да ги имаме, па најчесто се решаваме да ги купиме од некој интернет сајт. Планирано беше статијата да биде поопшта и да вклучи повеќе производи, но излезе подолга од очекуваното, па првата ќе биде само за четките за шминкање, а останатите производи ќе бидат застапени во одделен пост.

Прво и основно предупредување:

Бидете внимателни!!!

Секогаш детално проверете го производот кој го купувате. Споредете го изгледот со оригиналниот производ на официјалната страна на брендот. Споредете ја и цената – не може да биде многу пониска од онаа што е пласирана на официјалната страна. Може да се најдат оригинални производи на eBay кои се од колекции што веќе не се произведуваат, но сигурно нема да се по 2 долари, затоа што биле купени скапо.

Да се задржиме сега на некои од најпопуларните производи, кои за жал истовремено се и најфалсификувани.





M.A.C четки за шминка

Овде барем е лесно да ги препознаете фалсификатите, затоа што има огромна разлика во изгледот


Оригиналните M.A.C четки се спакувани во обична најлонска (пластична) кесичка со испечатен баркод. Многу од фалсификуваните четки се заштитени со кесичка без баркод. Исто така, многу од копиите имаат додатна тврда пластична заштита за влакната од четката. Вистинските M.A.C четки немаат таква заштита. Подолу забележете го оригиналното пакување, и пластичната заштита на четките од втората слика која го издава фалсификатот.


– Забележете ја пластичната амбалажа со баркод на оригиналните четки



– Забележете ја тврдата пластична заштита на четките за лице. Оригиналните M.A.C четки ја немаат.

Дното на оригиналните четки е заоблено, дршката е дрвена, а делот што ги спојува дршката и четката е метален со сребрена боја. Ако тој дел е црн и пластичен – веднаш е воочлив фалсификат, како овие четки на пример:


– Овие се најчестите фалсификати што се среќаваат низ интернетот.



- Вака изгледа оригиналната четка.


На оригиналните четки треба да стои лого M.A.C и веднаш до него има број на четката, кој не е длабоко врежан во неа и лесно може да се изгребе (погледнете на горната слика како изгледа). Фалсификатите може да имаат длабоко врежан број кој не се отстранува, или воопшто да немаат број на четката. Некои продавачи можеби ќе ви тврдат дека се работи за оригинален производ со пропуст – не верувајте им.
Имајте на ум дека M.A.C не нуди готови сетови на четки (во оригинална големина) што вклучуваат повеќе од 8 парчиња. Единствениот понуден сет од 8 четки е од 2006 година, се вика Pret-a-Porter set и изгледа вака:




Понуда на интернет за сет со повеќе од 6 четки во оригинална големина (освен ако се работи за Pret-a-Porter set кој се продава на старо)? – 99% се работи за фалсификат.

M.A.C нуди сетови од travel size (верзија со пократка дршка) на четки. Обично овие четки не се црни, туку имаат некоја уникатна боја што одговара на соодветната колекција со која се промовирани. На дршката од оригиналните travel size четки задолжително стои знак SE веднаш до логото M.A.C и бројот. SE значи Special Edition. На пример, актуелните сетови на официјалната страна на MAC се овие:
 




Пред извесно време на еден српски сајт ги забележав овие четки за неверојатни 10200 динари. Мислам аман, фалсификатот е повеќе од очигледен, и кога веќе продаваат фалсификат – нека стават разумна цена. На други сајтови го има истиот овој сет за 17 долари:



На истиот сајт се нудат и M.A.C палети со 88 сенки, што MAC не ги произведуваат и никогаш не ги произведувале. На повеќето сајтови овие фалсификати не се поскапи од 20 долари, но овде изгледа нашле погодно тло за поголема измама.
Фалсификуваните M.A.C четки обично се со сјајна дршка. Оригиналните се со мат финиш на дршката.

Цената: Цел сет на сет од M.A.C четки за помалку од 50 долари? Премногу добро за да биде вистинито. Не се на попуст, не се стара колекција – фалсификат се! Ако сакате да купите – купете, и така веројатно се подобри од повеќето четки кои се нудат кај нас, но немојте да мислите дека купувате оригинал. Ако сакате оригинал, прво добро проверете, а јас најдобронамерно ви препорачувам да купувате од официјалниот сајт. Ако е на непроверен сајт и е ефтино – 99,9% се работи за фалсификат. Немојте да паѓате на финтата која се користи на eBay: “Производите се оригинал, но направени се во Кина и затоа се поефтини” - не се оригинал. 

Толку засега, а ако наидам на некоја друга разлика по која се препознаваат, или некое друго предупредување на интернет, ќе го дополнам постот. Сега само можам уште еднаш да ве предупредам да внимавате ако сакате оригинал, а доколку сакате да купите поефтини четки и не ви пречи да се фалсификат – убаво прочепкајте на интернет и најдете ја најповолната понуда (никако немојте да купувате од српски сајт кој ги нуди за десетина илјади денари).

Во наредниот пост ќе се задржам на палетите од сенки.
До следното читање

No comments:

Post a Comment