Saturday, February 4, 2012

Руменило: Како да одберете и како да нанесете

Ништо не може да го освежи уморното лице како мал допир на руменило. Ако е правилно нанесено, веднаш дава повесел, поздрав и одморен израз на лицето. Ако не сте спиеле доволно претходната ноќ, а имате важен ден, никако не избегнувајте го – може да направи чуда со вашето лице. ;)
Препорачливо е за секоја сезона. Во зима нежни светли руменила кои даваат малку боја на бледиот тен, а во лето потемни кафени или корални нијанси соодветни на исончаниот тен.
Руменилото е многу важен дел од шминката затоа што ги нагласува контурите на јаболчниците.
1. Нијанса
Најпрво треба да ја одберете бојата што одговара на вашиот тен. Овде не важат многу правила. Поточно… важат, но прилично се комплицирани и треба да ги познавате топлите и ладните тонови, како тие одговараат или не одговараат едни со други… оставете го тоа на професионалните мејкап артисти.


За секојдневна употреба, доволно е да знаете дека на светол тен одговараат розеникави нијанси (но нежни, не премногу живи бои), нијанси со боја на праска (исто така нежни, не јаки корални бои), и светли бронзери само неколку нијанси потемни од вашиот тен. Само немојте да одберете прејако корално (речиси портокалово) руменило – тоа никако не одговара на светол тен. На сликите подолу се моите предлози за нијанси.


















Со потемниот тен може да бидете похрабри. Поживи розови бои и корални нијанси одлично одговараат на повеќето средни и темни тенови. Може да пробате дури и нијанси на слива, но тие се потешки за носење. За бронзерот важи истото правило: неколку нијанси потемен од вашата кожа.












Еве зошто реков дека не важат многу правила: Сè е до начинот на апликација. Со светлите тенови треба полесна рака, не смеете да нанесете премногу па да изгледате како кловн, а за темните тенови се користи малку повеќе руменило за тоа да дојде до израз. Така што, едно руменило може да одговара и на светол и на темен тен. Но еве да поедноставиме:
Имате светол тен? Одберете нежно, не многу темно руменило.
Имате темен тен? Одберете поинтензивна боја на руменило за полесна апликација, да не мора да нанесувате повеќе слоеви.
Еве еден мал трик кој ќе ви помогне да најдете непогрешлива нијанса на руменило: кога немате шминка на себе нежно штипнете го неколку пати едниот образ на местото каде што најчесто природно црвенеете. Таа е вашата природна боја, па водете се според неа во изборот на руменило.
Друга важна работа што треба да ја запаметите е дека руменилото секогаш мора да одговара на карминот. Не оди црвен кармин со розово или праска руменило – тогаш одберете кафено. Не оди корален кармин со розово руменило, или розов кармин со корално руменило. Бидете внимателни, и добро е да имате неколку руменила кои ќе ги нанесувате во склад со карминот. Кафените нијанси на руменило одговараат на речиси сите кармини, но нема да ви дадат свежина.
Исто така, направете разлика меѓу руменилото за дневна и ноќна шминка. Дневното треба да биде многу (нагласувам многу) посуптилно. Не е проблем да ја користите и истата нијанса, само внимавајте на раката и нанесувајте полесно.
2. Сега одберете вид на руменило. Каменото руменило кое најчесто го одбираме е погодно речиси за секој тип на кожа, освен за многу сувата. Ако имате сува кожа, за вас се препорачува крем руменило, кое ќе даде живост и сјај.
3. Добро, се надевам дека досега одлучивте кое е вашето руменило. Следен чекор е да ја одредите вашата форма на лице.
Квадратна форма – нанесете руменило од образите кон слепоочниците. Немојте да користите премногу бронзер за истакнување на контурите, затоа што во овој случај тие треба да се ублажат. Значи она правило: направете fish-face и со бронзер истакнете ја вдлабнатината на образите кај вас не важи. Острите црти може да се ублажат со нанесување на бронзер на брадата и челото.
Округло лице – е сега важи погоре споменатото правило. Соберете ги усните како за бакнување, ќе видите дека се формира вдлабнатина на образите. Тука поминете со бронзер (што е всушност израз за кафена нијанса на руменило, по можност мат), кој убаво ќе го нанесете по таа вдлабнатина, внимавајќи да не одите премногу близу до устата. На јаболчниците може да нанесете руменило со розова или корална нијанса.
Овално лице – вие сте среќнички. Вам не ви треба контурирање, туку само мал допир со руменило на јаболчниците. Ништо повеќе.
Долго лице – ако имате долго и слабо лице немојте да ги нагласувате контурите. Нанесете руменило од образите кон ушите во речиси права линија (не стриктно права, секако дека ќе ја прилагодите). Ако направите коса линија како што се применува кај округлото лице, уште повеќе визуелно ќе го издолжите вашето.
4. Четката која оди во амбалажата со руменилото слободно можете да ја фрлите, не ви е потребна. Тие мали четкички може да направат да имате смешни линии на образите и да се познава секој потег кој сте го повлекле. Набавете убава четка, која е еднократна инвестиција, а има огромен удел во вашиот убав изглед. Не користете ја истата четка за руменило и пудра во прав.
5. Ако се плашите од премногу руменило, нанесете го пред течната пудра. Нанесете повеќе руменило, па над него тенок слој на течна пудра и ќе добиете многу природен изглед.
Ако веќе имате пракса и без никаков проблем носите руменило, тоа доаѓа претпоследно во шминкањето (пред пудрата во прав или компактната пудра). Пудрата во прав обично се нанесува после руменилото за убаво да се соедини со тенот, да се ублажи ефектот и да се добие поприроден изглед.
6. Земете малку од руменилото со четка. Подобро е помалку, па потоа да нанесете втор слој, отколку да претерате. Нежно протресете ја четката за да испадне вишокот, или нежно поминете на раката пред да го нанесете на лицето. Ако сакате да нанесете на јаболчниците, погледнете во огледало и насмевнете се – така најлесно ќе видите точно каде треба да го нанесете.Руменилото во прав (и каменото) секогаш нанесувајте го само во една насока – од образите кон ушите.
Сте нанеле премногу руменило? Не паничете, нема потреба од преправање на целокупната шминка. Поминете преку него со малку пудра во прав и ефектот ќе се ублажи.
Ако сте одбрале крем руменило, задолжително прво измешајте го на надворешниот дел од дланката. Земете со средниот прст на едната рака. Измешајте го руменилото на дланката од другата рака. Сега земете од веќе стопленото руменило со четвртиот прст (кога се нанесува шминка со прсти се препорачува тоа да биде со четвртиот прст бидејќи е најнежен) и нанесете на образите.
7. Екстра совет: На највисокиот дел од образите (под очите на надворешниот крај од лицето – погледнете како е обележано на сликата) нанесете илуминатор. Посебно е препорачливо за вечерни пригоди. Лицето добива сосем нов сјај и убавина.
И за крај: Не мора да значи дека секое правило наведено погоре ќе одговара на вашата кожа и лице. И меѓу најпознатите светски мејкап артисти постојат несогласувања околу тоа како, колку и каде. Вие најдете го вашиот начин, со многу експериментирање и без страв. Не се сомневам дека тој ќе биде најдобар.
Пробајте неколку начини на нанесување: ќе се согласите со мене дека е многу забавно да видите како се менува изразот на лицето, и визуелно се менува неговата форма. Руменилото придонесува да создадете природен и невин изглед, кој секогаш е привлечен и убав. Сепак внимавајте, затоа што колку што може да направи да изгледате убаво, ако е лошо нанесено – ќе направи да изгледате смешно.
За да ви биде појасно, погледајте едно одлично видео:

No comments:

Post a Comment