Monday, February 6, 2012

Фалсификувани производи на интернет (Втор дел: сенки за очи)

Откако видовме како да препознаеме фалсификувани четки, во овој пост ќе се задржиме на други козметички производи, како кармини и сенки за очи од познати козметички компании. 
И овде важи истото што го кажав претходно - ако не ви пречи фалсификуван производ, барајте го тој со најниска цена. Со овие статии сакаме да ви помогнеме да не платите копија по цена на оригинал.


Најлесен начин да бидете сигурни во она што го купувате, е да купувате од официјалните сајтови. Сепак, тие не секогаш испорачуваат во Македонија, па наоѓаме други сајтови кои ги имаат истите производи и нудат испораки до нашата земја. Задолжително проверете ги фотографиите и цените и споредете ги со тие на официјалниот сајт. Особено бидете внимателни со купување на ebay. Таму продавачите тврдат дека продаваат производи што се оригинали, но произведени во Кина, или оригинали со мал недостаток што официјалната страна не ги продава, или тврдат дека се овластени продавачи на големо на M.A.C. Такви овластени продавачи на ebay не постојат и бидете сигурни дека ќе добиете фалсификат. Тоа и не е страшно ако сте го платиле 2-3 долари, затоа што најчесто на ebay цената ќе биде многу ниска. Страшно е ако го платите по цена на оригинален производ, како на пример на оваа страна. 




Да се задржиме на тој српски сајт. Прво што паѓа во очи се големите палети со сенки. 
Очигледен е фалсификатот затоа што M.A.C не произведува и никогаш не произведувале такви палети, a дури и кога би произведувале, никогаш не би ставиле такви сунѓерести апликатори во прилог. Таквите палети со 88, 120, 180 или друг голем број на сенки, се масовно произведувани во Кина, и тоа се истите палети без разлика дали на нив ќе пишува M.A.C, Coastal Scents, BH Cosmetics или едноставно ќе бидат без никакво име или знак. Coastal Scents и сличните компании ги купуваат ваквите палети на големо и ставаат свој знак. Тоа е во ред, затоа што ги продаваат по разумни цени од дваесетина долари, но 8300 српски динари за ваква палета, која не може ни да се нарече фалсификат затоа што не е ни блиску до оригинален производ?
Ај да не ја пишувам познатата фраза на Кили, но знајте дека во моментов си ја велам во себе.
На истиот сајт има уште многу очигледни фалсификати, како палети со четири сенки што се далеку од оригиналниот изглед, но блиску до оригиналната цена. Ако палетата вклучува и сунѓерест апликатор, бидете сигурни дека е фалсификат затоа што M.A.C никогаш не вклучува такви апликатори во своите производи.
Вака изгледа оригиналниот Studio Finish Concealer на M.A.C
А вака изгледа фалсификатот што се нуди на српскиот сајт:
Разликата е повеќе од очигледна, но погледнете ја и цената... Парадоксално но за жал вистинито: фалсификатот е поскап од оригиналот.

Вака изгледа оригиналниот кармин M.A.C во нијансата Lovelorn
Погледнете ја нијансата на фалсификатот, очигледна е разликата:



Доволно за српскиот сајт, мислам дека досега разјаснивме - не ви препорачувам да купувате оттаму. Истите тие производи се нудат на ebay по смешни цени. 

Кога сме веќе кај ebay и сличните сајтови, сум забележала понуди со колекција од голем број на M.A.C пигменти, бидете сигурни дека тие не се оригинални, во нив дури има и бои што воопшто не биле произведувани. Кога станува збор за ebay, настанува дилема затоа што таму многу често се продаваат и оригинални производи. Во таков случај задолжително проверете ја до детали сликата, фонтот на буквите на производот, затворањето... а ако е ставена слика од официјалниот сајт, не верувајте.

Не препорачувам да купувате фалсификати бидејќи се работи за важата кожа и може да настанат сериозни проблеми од непроверени производи. Секако, изборот е ваш и доколку сепак се одлучите за ризик, купете си ефтин производ што ќе го фрлите без жал ако ви предизвика некаква иритација.

Ви благодарам на вниманието.
Среќно и внимателно купување!



No comments:

Post a Comment